АМЕРИКАНСКИ ШМЕК ЗА ОПСТАНОК – Бовен: Пелистер има сили да го задржи прволигашкиот статус

Тревис Бовен е првиот Американец кој играл фудбал во Македонија, а по авантурата во Струмица, во редовите на Академија Пандев, се пресели во Битола. Вели дека Пелистер има квалитет да избори опстанок и дека се надева на добри игри со кои ќе му помогне на клубот да ја оствари целта.

„Нема да биде лесно, бидејќи го познавам квалитетот на екипите во македонската Прва лига. Пелистер има играчи кои се подготвени да се борат докрај, а јас верувам дека ќе помогнам со добри игри да се оствари целта и да играме во прволигашко друштво и следната сезона. Во Струмица минав убав период, а и во Битола ме прифатија како еден од своите“, вели Бовен за „Спортмедиа“,

Галактичарот од Лос Анџелес пристигна лани во Македонија и имаше солидна ролја во Академија Пандев. Тревис е роден во градот на филмот, Лос Анџелес, а беше дел од втората екипа на Ел-еј Галакси. Оттаму во потрага по европски ангажман замина во Албанија, па во Македонија.

„Прво сакам со Пелистер да избориме опстанок, па потоа ако се отвори шанса и да направам трансфер во некоја од посилните лиги во Европа. Во Македонија се игра добар фудбал, а ми беше чест што играв за екипа, чиј сопственик е фудбалер од калибарот на Горан Пандев. Времето минато во Струмица не го заборавам, но сега сум во уште еден убав град како Битола, со амбиции да помогнам да одиграме добра полусезона. Верувам во опстанок и сакам да ги израдуваме луѓето во Битола, барем приближно како лани кога Пелистер го освои купот“, додава Бовен.

Американецот во Битола веќе ги одигра првите минути за Пелистер во мисијата за „спас“ и опстанок во Првата лига.