„Бедемот“ на Силекс се одбрани, поништен регуларен гол на Ковачев?

Пелистер – Силекс 0-0

Пелистер и Силекс играа без голови 0-0 во меч во кој само една екипа имаше амбиција да игра на победа, но гостите на чело со голманот Вујанац се одбранија и стигнаа до бод.

Битолчани беа поактивни уште од самиот почеток, а Силекс играше мудро и затворено, чекајќи брз противнапад. По 30 секунди Љамчевски пласираше, но за малку крај дирекот. Во 11. минута Фернандо биеше од слободен удар, а седум минута и Бугаринот Милен Василев од голема дистанца, но двата удари беа централни и успеа да одбрани голманот на гостите Вујанац.

Најзрелата шанса ја имаа битолчани во 23. минута, кога Бразилците Фернандо и Лукас филигрантски проиграа, а во последен момент Иванов со лизгачки старт спаси сигурен гол.

Во последните мигови од првиот дел Трифуновски му подготви идеална шанса во движење на Петар Љамчевски, но ударот на младиот креативец на домашната екипа беше млак и по земја и Вујанац го одбрани. Во првиот дел гостинскиот стручен штаб изврши принудна замена, откако заради повреда беше заменет Филиповски и во игра влезе младиот Трајановски.

И вториот дел започна со шанса за Љамчевски, но неговиот удар со левата нога заврши за малку крај стативата на Вујанац. Следеше „викторија“ пред голот на гостите од Кратово кои се концентрираа на одбрана на резултатот и задржување на времето.

Во 66. минута помошникот на Стојанов го подигна знаменцето регистрирајќи недозволена ситуација кога Александар Ковачев на додавање на Денковски постигна гол за Пелистер. Првиот впечаток беше дека во гужвата пред голот на Силекс имаше многу фудбалери, меѓу кои и гостински и дека голот е регуларен. Ниту влегувањето на Марковски, подоцна и на Тодоровски не донесоа промени во играта.

Во последните 10 минути колосална шанса имаше Лукас, кој од неколку метри промаши празен гол, а Бразилецот и длабоко во судиското надололнување имаше шанса по центрашутот на Тодоровски, но не успеа да ја погоди целта. Силекс ја оствари целта, а Пелистер без разлика што не прими гол и на четвртиот првенствен меч во Битола, првпат пред своите гледачи не успеа да победи.