Дербито во Битола без победник

Во дерби натпреварот на второто коло на македонскиот шампионат, на стадионот во Битола, фудбалерите на Пелистер и Работнички, во натпревар со две различни полувремиња на крајот ги поделија бодовите со резултат 1-1 (0-0). Натпреварот се одигра на одличен терен и пред неколку илјадна публика.

Захариевски во последен момент остана без Маркоски и го внесе Силва во стартниот тим на битолчани. Двете екипи почнаа агресивно и Лукас за домаќините и Велинов за гостите веднаш се заканија. Пелистер играше поофанзивно, но мака мачеше да креираа шанси.

Темпото се засили во втората половина од првиот дел, а и Марјан Маркоски ги извади жолтите картони. По грубиот старт на Кире Маркоски врз Тошевски реагираше Мартин Ковачев и започна вербален дуел кој кулминираше со опомени во бележникот на охридскиот судија за Бугаринот Ковачев и Кире Маркоски.

Првиот дел донесе шест корнери, но само по еден удар во рамката од голот и ниту една екипа не заслужи да поведе, па на одмор се отиде со почетниот резултат.

На, стартот на вториот дел, Захариевски прв направи замена, на местото на Цветановски го внесе Љамчевски. Но, во 50. минута младинскиот репрезентативец, Кире Маркоски ја искористи заспаноста на битолската одбрана, го матира голманот Јованоски и донесе водство за „романтичарите“ од 0-1.

По водството, гостите од Скопје продолжија со нападите, за разлика од домаќините кои некако беа изненадени од погодокот и не можеа да фатат ритам. Во 62. минута Велинов имаше шанса за 0-2, но за среќа на „зелено-белите“ топката заврши само во корнер. Во 66. минута Пелистер започна акција по левата страна, од каде центрираше Тошевски, а во шеснаесетникот од десно топката ја прифати Благоја Љамчевски, со финта исфрли двајца противнички фудбалери и со својот првенец по враќањето во Пелистер израмни на 1-1.

Извор: gol.mk