Захариевски: Целта на мојот Пелистер пак ќе биде излез во евро-куповите

Со дожд и со бериќет, битолски Пелистер денес ги започна подготовките за новата сезона во ПМФЛ. По европските натпревари и елиминацијата од Лех Познањ со вкупни 7-0 во првото коло од квалификациите на Лига Европа, пелистерци добија десет слободни дена. Попладнево на стадионот под „Тумбе кафе“ новиот тренер на пелистерци Срѓан Захаривски го одработи првиот тренинг.

Младиот стручњак го искажа своето задоволство од новиот предизвик и традицијата на битолскиот прволигаш.

„Пелистер со својата традиција и амбиции е голем предизвик за мене како млад тренер. Познавам дел од фудбалерите уште кога играв, а и кога ја започнав тренерската кариера. Имав можност да го следам Пелистер на неколку натпревари во Скопје минатата сезона, а го гледав и во двата натпревари со Лех Познањ. Екипата е искусна, а во консултација со управата ќе констатираме дали е потребно уште некое ново име. Фудбалерите имаа десетина дена одмор, но тие се среде припреми, беа во Банско играа 2-3 тест мечеви и споменатите мечеви со Лех. Ќе одиграме нови тест мечеви, еве веќе в четврток во Битола ќе тестираме со некој послаб противник. Нема да кријам дека целта на Пелистер и оваа сезона ќе биде излез во европските купови“, рече за Gol.mk, Срѓан Захариевски.

Пелистерци деновиве ќе знаат дали дел од подготовките ќе минат во нашата земја или во соседна Бугарија. Под водство на Наџи Шенсои екипата мина десет дена во Банско во јуни, каде одигра и два тест пред европските мечеви со Лех.

За разлика од минатата сезона Пелистер е без Фернандо, Мишевски, Блажевски и Божиновски. Нови членови во споредба со минатата сезона се Благојче Љамчевски, Цветановски, Жадилсон, Пеев и Јовановски.

Извор: gol.mk