Лукас и Трифуновски донесоа големи три бода за Пелистер против Ренова

Фудбалерите на Пелистер конечно донесоа радост кај своите фанови, откако по трите порази во низа, денес на „Тумбе Кафе“ падна тимот на Ренова, во рамки од 14. коло на ПМФЛ.

Пелистер започна одлично и во 8. минута Силва ја здрма пречката покрај немоќниот Кобетиќ. Гостите возвратија со ударот на Нухиу, кој заврши во блокот и за малку ќе го изненадеше Јовановски. По изедначена игра на средината на теренот, во 36. минута Љамчевски го пронајде Лукас, а Бразилецот пласираше покрај немоќниот голман на гостите (1-0).

Две минути подоцна Илиев одлично шутираше од далечина, но хрватскиот голман ја исфрли топката во корнер. Пелистер за нијанса подобар ривал, првиот дел го заврши со минимално водство.

Офанзивната игра на битолчани продолжи и во вториот период и по само три минути игра во продолжението поведе со 2-0. Мишковски играше со рака во својот казнен простор и Мечкаровски оправдано досуди најстрога казна за домаќинот, која во гол ја претвори денес расположениот Иве Трифуновски (2-0). Токму битолскиот голгетер во 59. минута пропушти голема шанса да зголеми на 3-0, но неговиот удар заврши во пречката на гостинскиот гол.

Ренова во 81. минута успеа да намали на 2-1, но во финишот од мечот остана без сили за пресврт и заслужено без бод си заминува од Битола. Почесниот гол за „гипсарите“ го постигна Нафиу од пенал. Битолчани мора да му се заблагодарат и на Благојче Љамчевски, кој во 86. минута од самата гол линија спаси чист гол.

Извор: gol.mk