Пелагониското дерби го добија битолчани

Победа – Пелистер 0-2 (0-0)

Во прекрасен амбиент како од најдобрите денови, преку 4000 гледачи под „Тумбе кафе“ се собраа за пелагониското дерби во кое Пелистер беше на хартија гостин, а Победа меѓу побројните битолски навивачи имаше поддршка од „Мајмуните“.

Мечот започна претпазливо, двете екипи со по еден класичен напаѓач и без многу доза на ризик. Битолчани играа најчесто по страните преку Фернандо и Демир по левата и Тошевски и Петров по десната страна.

По акцијата на Демир од левата страна, ударот на Филип Петров во 19 минута заврши во блокот на Колевски. Уште една можност имаа „зелените“ по акцијата на Петров и центаршутот по земја, но ударот на Демир заврши во блокот.

Победа се закани со слободниот удар на Мегленски и контранападот на Гешовски, кој заврши со лош удар на напаѓачот. На крајот од првиот дел центрираше Кристијан Тошевски, но Бујчевски за малку беше прекраток центаршутот од десната страна. Претпазливиот прв дел заврши без голови.

На почетокот од второто полувреме следеше замена на Наум Љамчески кој го внесе Трифуновски меѓу линиите. Пелистер делуваше посвежи и од 55 минута ја наметна својата игра. Битолчани веднаш имаа можност по грешката на прилепската одбрана и Трифуновски од непосредна близина го префри голот на Манчевски.

Следеа уште две шанси креирани по акцијата од десната страна каде Тошевски беше незадржлив. Во 69 минута Бујчевски постигна гол, но претходно направи прекршок врз голманот Манчевски во борба кој да стигне до топката. Сепак ова беше само најава за водството. Во 76. минута Тошевски мина по десната страна и центрираше, Лукас му побегна на Здравески и ја пласираше топката во небранетата мрежа. Победа се отвори, Дарко Крстески го внесе Ристе Илиоски кој веднаш имаше голема шанса, но по центршутот на Мегленски ја погоди стативата на Пашовски. Кога уморните домаќини целосно се отворија, следеше контранапад на Фернандо кој ја заврши скоро цела работа со двојно проигрување со Трифуновски, а на крајот Бујчевски со пласирана топка ги постави финалните 0:2. Голема победа за Пелистер кој го слави враќањето во елитата и битолчани им се реваншираа на фудбалерите на Победа за поразот од 1:4 во Новаци минатата сезона во Втората лига.

Победа – Пелистер 0-2 (0-0)

Градски стадион „Тумбе кафе“. Гледачи: 4000
Главен судија: Димитар Мечкаровски
Асистенти: Дејан Неделковски и Гоце Петровски (сите од Скопје)
Стрелци: Лукас во 76 и Бујчевски во 90 минута за Пелистер
Жолти картони: Мегленски, Аломеровиќ (Победа), а Ковачев и Бујчевски (Пелистер)
Црвени картони: нема