Пелистер влезе во регионален проект за развој на младинскиот фудбал

Фудбалските тренери од прволигашот Пелистер, заедно со фудбалските тренери уште од шест земји ќе добијат нови корисни знаења за работа со деца и млади, младите фудбалери ќе патуваат, ќе се дружат и ќе тренираат заедно на регионалните кампови, запознавајќи се со нивните фудбалски идоли на патот, а исто така клубовите ќе добијат дополнителна опрема за младите фудбалери.

Вака накратко би можел да се претстави проектот „Заедно за поздрава и побезбедна заедница“, ни изјави координаторот од Македонија за проектот – Гордана Цветковска Бошевска, чија што реализација ќе започне во јануари 2021 година.

Проектот ќе се спроведе во партнерство со актери од спортскиот, младинскиот и образовниот сектор (локални фудбалски клубови, младински организации и факултети за спорт и физичко образование од Македонија, Турција и Романија), преку поддршка на програмата ЕРАЗМУС+ на Европската унија. Проектот покрај Македонија вклучува уште шест земји: Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Романија и Турција.

„Општата цел на проектот е да се ревитализира воспитно-педагошката улога на спортот (во конкретниот случај фудбалот), користејќи го влијанието што фудбалските тренери го имаат врз децата и младите. Ние сакаме да развиеме, тестираме и подготвиме модул / програма за обучувачи за тоа како да се користи обука и постојана работа со деца и млади со цел да ги приближиме до другите теми од значење за секојдневниот живот преку спортот. Овој пат се фокусиравме на здравствени и безбедносни прашања (и индивидуално и колективно, со посебен акцент на ковид-19), бидејќи нашето општо забележување е дека децата треба да знаат многу повеќе за овој важен сегмент од животот“, вели Цветковска-Бошевска.

Секторот за образование ќе помогне во развивање на најсоодветен формат за работа во форма на нов модул за обука на тренери, младинскиот сектор ќе помогне да се воведе неформално образование (методи и пристап до деца и млади) во спортски активности, додека вклучените клубови ќе го тестираат развиениот модел во сопствената средина ФК Графичар, ФК Слога, ФК Горица, ФК Марибор и ФК Пелистер, како и сите тие заедно на планираните фудбалските кампови.

„Проектот ќе вклучува голем број на различни активности: истражување и професионална работа за развој на модули за обука, обука на фудбалски тренери за усвојување на развиениот модул, примена на стекнатите знаења во клубови од кои што доаѓаат фудбалските тренери и во заедничките кампови, како и промотивна кампања која ја подвлекува едукативната улога на спортот.

Верувајќи во важната општествена улога на фудбалот, овој пат го ставивме во контекст на информирање на децата и младите во спортот за тековните ризици по здравјето и безбедноста, а целта кон која се стремиме може да се сумира во 25 обучени тренери за фудбал, минимум 250 деца да поминат низ активности и 50.000 луѓе од општата популација кои ќе добијат релевантни информации преку придружната промотивна кампања“, заврши Гордана Цветковска-Бошевска.

Овој проект е за поздравување и заслугите одат на адреса на Гордана Цветковска-Бошевска, која е член на ОФС Битола и комисијата за женски фудбал при Фудбалската федерација на Македонија, од која што добива безрезервна поддршка.