Пелистер го врати Благоја Љамчевски во Битола

По завршувањето на преодниот рок за фудбалерите во Првата и Втората фудбалска лига прес-конференција се одржа во фудбалскиот клуб Пелистер, на која зборуваа сопственикот Пеце Стојчевски, тренерот Дарко Крстески и засилувањето Благојче Љамчевски. 

Што се направи сопственикот на клубот заедно со Управата во зимската пауза, Стојчевски рече:

„Она што го најавив претходно дека се што било претходно го забораваме и вртиме нова страница во ФК Пелистер се остварува и од ден на ден продолжуваме во таа насока. Најбитната работа беше да се засили клубот со нови фудбалери кои се поискусни ќе играат во Пелистер и можат да бидат пример за помладите. Тоа се оствари и сега имаме седум квалитетни засилувања, со кои првата цел да обезбедиме опстанок во Втората лига ќе биде остварена, но ако имаме одлилни игри и резултати како сите очекуваме и ни се даде прилика, зошто да не атакуваме на место кое ќе ни донесе пласман во Првата лига. Голманот Трајчевски и фудбалерите Петковски, Ганчев, Маркоски, Шоповски, а секако и браќата Петар и Благојче Љамчевски, ветија дека ќе дадат се од себе да го вратиме фудбалот во Битола на местото што го заслужува. И самите според имињата гледате дека најголем дел се фудбалери на Пелистер или повратници, кои го сакаат Пелистер“.

Тренерот Дарко Крстески, полека ги приведува при крај зимските подготовките, а за досегашниот тек рече:

„Задоволен од сработеното на подготовките и се што сработивме до сега. Но, морам пред се ка жам дека искрено, пријатно сум изненаден од преодниот рок и завршената работа на Управата во преодниот рок, односно кој се ни се засилувања. Сега топката е префрлена кај нас и треба да одговориме на предизвикот, а тоа е добро се подготвуваме. Во таа насока  одигравме три контролни натпревари и ни следат уште неколку кои веќе се договорени, с со цел да ја подигнеме формата на повисоко ниво. Нема да ветуваме многу работи, верувам дека јавноста и битолската публика ќе биде задоволна од нашата работа. Ветуваме дека со вака “поздрава“ екипа бидејќи на секоја позиција има по два играчи, а тоа значи дека ќе имаме и квалитетна игра на радост на публиката која тоа го заслужува“.

Од тимот ослободени се десет имиња. Си заминаа Атанасовски, Ристевски, Тодоровски, Колевски, Котевски, Коњарски, Арсовски, Најдовски, и Здравевски. 

Денес и официјално беше претставено најновото и последно засилување во тимот Благојче Љамчевски, кој прво потпиша со Победа, но по кратко време се врати  дома.

„По Нова година започнав во Победа, но не се најдовме и на повикот на претседателот Стојчевски решив да се вратам дома. Се надевам дека сите ќе не служу добро здравје, ќе одиграме добри натпревари и ако ни се укаже шанса ќе се бориме и за пласман во Првата лига, а тоа може да се случи со добри резултати и малку спортска среќа. Екипата сега е засилена со седум фудбалери кои меѓу себе добро се познаваме како поранешни фудбалери на Пелистер. На нас останува само да се подготвиме добро и да ги остравариме целите на Упрвата и на битолската јавност“, рече Љамчевски.

Пелистер по есенската полусезона е на седмото место во ВМФЛ со 18 бода, десет помалку од лидерот Струга Трим Љум и шест од Лабуништа која е второпласирана и е на местото кое води во баражот за ПМФЛ.