Пелистер го „прегази“ лидерот Работнички и го запоседна врвот

Во дерби натпреварот на третото коло на ПМФЛ на стадионот под „Тумбе кафе“ во прекрасна фудбалска атмосфера, која ја направија домашните навивачи се сретнаа вториот и лидерот на табелата, фудбалерите на Пелистер и Работнички.

На крајот заслужено на нови три бода се радуваа фудбалерите на Пелистер кои славеа убедлива победа од 3-0 (0-0) и останаа на делба на првото место, сега со шампионот Вардар.

Двете екипи почнаа со многу измени во стартните тимови бидејќи и Љамчевски и Треневски кубуреа со многу повредени фудбалери. Мечот почна мирно и без шанси, со надигрување на средината на теренот по топло време. Пелистер се закани преку Миленковски и неговиот опасен центрашут кој за малку не го зафати Бујчевски. Работнички возврати преку Елмаз и неговиот обид со глава, кој заврши преку голот.

На средина од првиот дел Сахити биеше од голема далечина, но високо над пречката на Петровски. Последните 20 минути им припаднаа на пелистерци кои континуирано ја пробиваа одбраната на гостите. Бујчевски и Трифуновски промашија колосална шанса во 32. минута. Сепак тоа беше само најава за предноста на екипата на Љамчевски. Се играше 41. минута кога Најденов загуби топка на средината на теренот, Трифуновски го најде Бујчевски, овој забележа дека Шишковски го напушти голот и го лобуваше за заслужено домашно водство.

На стартот на вториот дел „романтичарите“ се обидуваа да ја преземат иницијативата, но домаќините успешно ја растураа нивната игра. Во 59. минута во игра за Пелистер влезе Ковачев, а во 61. преку Фернандо битолските фудбалери можеа да зголемат на 2-0, но Бразилецот биеше само во пречката.

Во 65. минута поради топлото време главниот судија Јосип Бартон за момент го прекина натпреварот за да можат фудбалерите на двете екипи да се освежат. Во 78. минута фудбалерите на Работнички имаа извонредна шанса од слободен удар на самиот раб на шеснаесетникот, но се сплеткаа и биеа непрецизно.

До крајот „зелено-белите“ мирно се бранеа и се обидуваа со контранапади да го совладаат Шишковски, а тоа до крајот им успеа на двапати. Најпрво Љамчевски во 85. минута зголеми на 2-0, за да убедлива победа од 3-0 и дебакл на гостите од Скопје ја донесе Фернандо со слалом во 88. минута.

Во последните моменти од натпреварот гостинските фудбалери имаа прилика да постигнат погодок по досудениот пенал од главниот судија Бартон, но ударот на Елмаз од белата точка прекрасно го одбрани голманот на домаќините Петровски.

Во наредното коло битолчани успешниот старт на првенството ќе се обидат да го продолжат на гостински терен против Ренова, а Работнички рехабилитација за високиот пораз ќе бара против Силекс на домашен терен.