Пелистер наплати во Купот за поразот во шампионатот

Пелистер – Ренова 2-0 (2-0)

Мечот по натопениот терен започна со по еден удар од двете страни од голема далечина. Од првата посериозна шанса Пелистер поведе во 14. минута.

Петар Љамчевски прекрасно пласираше од работ на казнениот простор и ефектно ја погоди мрежата на Еглант Хаџо за водство од 1-0. Пет минути подоцна своја шанса имаше и Бразилецот Лукас, но неговиот удар заврши крај дирекот.

По 15-20 минути мирна игра во последните мигови од првиот дел Лукас искористи едно убаво додавање и рутински ја погоди мрежата на „гипсарите“ за 2-0. Овој гол е четврт во сезоната на Бразилецот, по три во шампионатот против Победа, Македонија ЃП и Шкупи.

Во вториот дел престана дождот, изгреа сонце, но Пелистер продолжи со офанзивна игра како би обезбедил уште поубедлива предноста предност пред раваншот. Лукас имаше голема шанса за трет гол на битолчани, а Фисник Нихи се закани со центрашут, кој отиде право во голот, но искусниот Пашовски не даде да биде изненаден.

Голема драма се случи во 78. минута, кога главниот судија Маркоски покажа на центарот, откако Гафури ја погоди мрежата на пелистерци за 2-1, но на асистенција на својот помошник, охридскиот судија го поништи голот заради недозволена позиција. 5-6 минути траеше натегањето, протестите и караниците, но судиите не ја сменија својата одлука. Наум Љамчевски ги внесе Коњарски и Анастасов и го затвори натпреварот, па Пелистер со многу чувствителна предност од 2-0 патува на реваншот во Тетово.