Повредите се минато, Пелистер во Тетово брка продолжување на серијата

По еуфоричната победа над Работнички со 3-0, фудбалерите на Пелистер во мир и скоро со комплетен состав го подготвуваат мечот со Ренова. Повредениот Петров и Василев, кој нема да настапи се единствените надвор од комбинација за дуелот во Тетово. Екипата на Љамчевски утре ќе замине во карантин во Скопје, а полека се враќа целиот ростер на фудбалери, вклучувајќи ги и Демир, Лукас Божиновски.

„Добро работиме од почетокот на сезоната, имавме работна недела, претходно и корисен пријателски натпревар ви Корча против Скендербег. Со Ренова секогаш сме играле тешки и изедначени натпревари, па мислам дека таков натпревар не очекува и в недела. Ние веруваме во нашите можности, но и целосно го респектираме противникот. Верувам дека можеме да ја продолжиме позитивната серија која започна од почетокот на сезоната“, рече Тодоровски.

Во досегашниот тек на шампионат Тодоровски подеднакво добро играше и во одбраната и во средниот ред, а со комплетното заздравување на Ковачев, сега веројатно ќе игра во средниот ред.