Реми против Сабуртало за крај на подготовките на пелистерци

Битолски Пелистер ги заврши подготовките во Бугарија без ниту еден пораз. Двонеделното брусење на формата на екипата на Наум Љамчевски дава очекувани резултати и битолчани можат да бидат фаворит од сенка во новата Прва лига. На бугарските подготовки Пелистер одигра 2-2 против Победа, го совлада Марек Дупница со 3-0, Славија Софија со 2-1, Алтип Асир и Банско со по 1-0.

Утрово во Разлог пелистерци одиграа 0-0 против грузискиот прволигаш Сабуртало. По вчерашниот меч со Банско, кој битолчани го добија со 1-0, стручниот штаб извади нов тим и шанса добија фудбалери кои вчера не настапија. Битолчани имаа неколку зрели шанси, но не успеаа да ја погодат грузиската мрежа. Илиев и на двапати имаа големи шанси, но не беа најснаодливи пред противничкиот голман. Фудбалерите на Сабуртало од близината на Тбилиси мечот го завршија со човек помалку. Неколку фудбалери на Пелистер играа два меча во два дена, откако централните дефанзивци Степановски и Мартин Ковачев не настапија заради полесни повреди.

Пелистер мечот го започна во следниот состав: Пашовски, Попзлатанов, Тодоровски, Тошевски, Миленковски, Маркоски, Илиев, Љамчевски, Божиновски, Петров, Демир. Шанса во вториот дел добија уште 6-7 фудбалери.

Експедицијата на Пелистер вечерва се враќа во Битола каде ќе ја заврши подготовката за стартот на сезоната.