Стојчевски: Пелистер е стабилен клуб и чекори кон Првата лига

Сопственикот на ФК Пелистер, Пеце Стојчевски пред да зборува за засилувањата на тимот, се осврна на сегашната состојба во клубот по враќањето на најголемиот дел од наследните долгови.

„Сакам да кажам дека она што го кажав кога го презедовме клубот, дека клубот имаше многу длабоки долгови сега е минато и клубот сега до денес, има вратено околу 80 проценти од долговите кон фудбалерите, тренерите и други побарувања кон Федерација и други компании. Сега клубот може да се рече дека во тој план е стабилен, а се надевам дека на есен кога ќе стартуваме во Првата лига ќе немаме долгови и ќе започнеме со позитива. Дел од долговите се исплатени со наши средства, а тука мора да изразам голема благодарност до градоначалничката на Битола, Петровска, ни излезе во пресрет и ни помогна за дел за долговите и за некои други работи во клубот. Иако се уште го немаме составено буџетот за оваа година се надевам дека ќе биде комплетиран и ќе одговара на амбициите на клубот, како иден прволигаш.

Сега сме на половина сезона, а и на половина пат до нашата амбиција, а тоа е Пелистер да биде прволигаш, што е јасно определено уште кога го преземавме клубот. Местото на Пелистер се знае каде му е, а тоа е најквалитетното прволигашко друштво. Денес го имаме најновото тимско издание со засилувањата со кои ќе чекори кон Првата лига во сезоната 2020/21. Новите засилувања во тимот секако ќе ја искористат шансата и честа да играат во Пелистер, ќе помогнат да се стигне до целта, а и ќе бидат идни прволигашки фудбалери“, рече Стојчевски.

Нови засилување во Пелистер се: Горан Пашовски поранешниот голман на Пелистер се врати и ќе биде и тренер на голманите, Неџми Реџепи од Работнички, Димитар Иванов од Тиквеш, Благојче Спирковски од Победа, Кристијан Драгарски поранешен фудбалер на Пелистер, Фазлуи Адрен од школата на Пелистер и Колумбиецот Борка Кордоба.Тренерот на Пелситер, Зоран Штерјовски за подготовките и стартот на сезоната рече:

„Подготовките се одвиваат во најдобар можен ред, приоритет сега ни е да ги воиграме новите фудбалери и да им помогнеме да се вклопат во екипата, да бидат прифатени, да функционираат како вистински засилувања, на местата каде ни недостигаа. Сега нивото на квалитет е подигнато и пролетвава Пелистер ќе го гледаме во ново издание. Она што го имавме замилено низ пријателските натпревари гледаме дека се остварува во целост. Ни остануваат уште два пријателски натпревари, а преку нив тимот ќе биде онака како и треба за стартот. Сите добија шанса во четирите натпревари ја оправдаа довербата, а на генералката против Кит Го ќе ги имаме стартните единаесет за 29 февруари. Првите четири натпревари ќе бидат пресудни за нас, но мислам дека и по нив ќе бидеме на табелата, онаму каде што сме, на првото место“.

Колумбиецот, Борка Кордоба, со својот оптимизам и насмеан лик е вистинско освежување во Пелистер.

„Одлично сум примен од сите, пред се од сопственикот, а разбирам се што бара тренерот од мене, а се надевам дека со помош на Бог ќе бидеме први на крајот на сезоната“, рече Кордоба, кој додаде дека е воодушевен од градот, од битилчани, од соиграчите.