Струмица пак среќна за пелистерци, Победа слави во Радовиш

Бранителот на титулата Пелистер лесно се справи со новиот второлигаш Беласица и го совлада среде Струмица со 1-3 (0-2). Навраќањето на теренот каде на 17 мај ја освоија титулата од Купот, им донесе среќа на битолчани. Фернандо Силва со два прекрасни гола во првото полувреме донесе осминафинале за екипата на Срѓан Захариевски. Бразилското шоу за пелистерци во вториот дел го комплетираше Лукас со уште еден убав гол.

Победа извојува лесна победа во Радовиш против Плачковица со 0-4 (0-2). Шаркоски по одлична асистенција на младиот Лука Трајкоски и Мустафов со прецизен удар од 16 метри ги постигнаа головите во првиот дел за прволигашот од градот под Марковите кули. Гешоски и Маневски во продолжението само ја завршија работата.

Во соседното дерби Брегалница од Штип го победи Осогово во Кочани со 1-2 со головите на најискусните фудбалери на штипјани, Горан Здравков и Ристе Наумов.

На прагот на изненадување беше новиот член на Втората лига – Запад, Зајази, откако водеше против прволигашот Шкупи со 2-1, но финишот чаирчани извојуваа победа од 2-4. Елиминиран е и поранешниот освојувач на Купот и лански прволигаш Македонија ЃП, откако загуби во Струга од новиот второлигаш Струга Трим Љум со 1-0 (1-0) со голот на Лога во 2. минута. Тетекс пред своите гледачи извојува победа од 2-1 против Турново во тврд и тензичен натпревар. Силекс немаше проблеми во битолската општина Могила и славеше против Би-Милк Могила со 0-6 (0-2). ПО два гола за прволигашот постигнаа Антонио Бујчевски и Тимов, а погодија и Ѓорѓиев и Благојевиќ.

Поради настап на Вардар и Шкендија во плеј-офот за Лига Европа, последните две средби од оваа рунда Локомотива – Вардар и Гостивар – Шкендија ќе се играат на 30 август. Работнички и Скопје веќе се во второто коло. Дебармаалци се слободни, а Скопје е осминафиналист заради откажувањето на Охрид Лихнидос.

Извор: gol.mk