Томче Трајановски, тренер на ФК Пелистер: секој пласман ако не е во врвот е неуспех

Денес фудбалерите на Пелистер со натпреварот во Скопје, против истоимениот тим ја започнуваат второлигашката сезона, со амбиции експресно враќање во Првата лига. Разговаравме по последниот тренинг пред денешниот натпревар со тренерот на Пелистер, Томче Трајановски, за подготовките, екипата, младите фудбалери, амбициите на клубот…
Трајановски за подготовките и играчкиот кадар со кој располага Пелистер вели:
-Подготовките поминаа во најдобар ред, иако доцневме десетина дена со стартот и можеби ни надостигаат барем уште две контролни средби. Но, добро се подготвивме во овој период и подготвени ќе ја започнеме сезоната. Одигравме против Новаци 5:1, Работнички 2:1, Победа 0:2, У19 репрезентација 1:1, Тиквеш 2:0. Кога е во прашање подготвителен период не е важен резултатот, туку екипата да се сплоти, да се воигра, а мислам дека во тоа и успеавме. Имавме нов тим од лани и според она што го гледам на последните тренинзи добро се запознаа и одлично комуницираат меѓу себе на теренот. Исто така и вториот тим играше против Охрид 5:1 и Црнобуки 5:1. Што се однесува пак до играчкиот кадар после подолго време е 99 проценти битолчани, а имаме само фудбалер од Прилеп, Кочоски. Имаме пет млади фудбалери од младинскиот погон кои што се надевам дека ќе се афирмираат и ќе ја искористат шансата која на сите ќе им биде дадена. Мислам дека сите се талентирани и дека барем еден или два ќе бидат првотимци.
За втората лига запад во која Пелистер ќе игра и ќе се избори за прва лига, Трајановски вели:
-Оваа ќе биде тешка лига и затоа повеќе шанса ќе добиваат поискусните фудбалери кои и ќе го понесат и најголемиот товар во ова првенство. Мораме да бидеме поконкурентни до зимската пауза, да бидеме во врвот на табелата. Уште кога дојдов кажав дека местото на Пелистер му е во Првата лига и се друго ќе биде неуспех. Мораме да се докажеме во есенскиот дел, а потоа да бараме и нови засилувања.