ФК Пелистер прослави 75 години постоење

Со сечење на роденденската торта, на која пишуваше 75 години ФК Пелистер, од страна на сопственикот Пеце Стојчевски, претседателот на Управниот одбор – Зоран Лазаров, претседателот на Советот на општина Битола – Валентин Груевски, членови на Управата, тренерот, фудбалерите, претставници на “Чкембарите“ започнаа празнувањата на клубот за големиот јубилеј.

Сопственикот на клубот Пеце Стојчевски на денешната прес конференција во ресторанот “Корзо“, која беше одржана по повод 75 роденден на ФК Пелистер рече:

„На денешен ден пред 75 години во Битола е формиран ФК Пелистер е формиран фудбалскиот клуб Пелистер, во кој се вградени делата на голем број на фудбалери, управи, тренери, навивачи, љубители на фудбалот во Битола. Сакам денес во мое име на сите чинители на клубот во сите овие години да им го честитам роденденот и да си посакаме заедно да прославиме и 100 години.

По повод роденденот на ФК Пелистер ќе одржиме повеќе манифестации се до завршната свеченост, Свечената академија, на која ќе имаме ретроспектива на се што се случуваше во овие години од формирањето, а ќе доделиме и признанија на фудбалери и членови на управи кои оставиле печат во клубот“, рече претседателот Стојчевски.

Поради препораките на владата за неодржување на манифестации не се утврдени датумите кога ќе се организираат.

„Имаме планирано пријателски фудбалски натпревари помеѓу „пелистерци“ и репрезентативци на Македонија, потоа крводарителска акција, средби на младите со фудбалерите, посета на клубот од страна на ученици, за да завршиме со Свечена академија. Засега термин за свечената академија е 15 март, но пак ќе повторам дека зависи од следните препораки на Владата за заштита од корона вирусот“, заврши Стојчевски.

Претставници на навивачката група “Чкембари“ беа на денешната прес конференција на која рекоа:

„Сакаме како прво да им го честитаме роденденот на клубот и на сите кои се дел од него, како рекоа претходно, но и на членовите на навивачката група “Чкембари“ која секако е дел од клубот. Ние порачуваме дека секогаш сме биле и ќе бидеме за Пелистер, беа разлика каде се натпреварува, но наша желба е в година да играме во Прва лига, каде и ние местото“.

На денешната прес конференција присутни беа и тренерите на клубот кои работат со младите категории, кои рекоа дека сите од младинскиот погон ќе бидат вклучени во прославата на големиот јубиле на ФК Пелистер, 75 години од формирањето.