Шенсои: Пелистер и можноста да излеземе во Европа ми е голем предизвик

Новиот претседател на ФК Пелистер, Цветан Панделески го претстави новиот тренер на екипата, Начи Шенсои кој се претстави пред јавноста со симпатичен говор и вети дека наскоро ќе зборува и македонски.

„Дојдов во еден голем културен и спортски центар заради предизвик, не од други причини. Јас сум од Шар планина, од Призрен и знам што значи Пелистер на овие простори. Македонија ми е седма земја каде што ќе работам, па можете да претпоставите дека не сум тука да бркам кариера. Единствено доаѓам заради предизвикот наречен Европа. Така и се договоривме со луѓето од клубот, ако не излеземе Европа, ќе се поздравиме и пријатели засекогаш. Долги години работев во Турција, Азербејџан, Саудиска Арабија и во последните неколку години во Бугарија.

Добро го познавам квалитетот на фудбалот на Балканот и гледам и како се работи и во Македонија. Имав само два тренинзи со екипата, добро работиме, но ќе ми треба малку повеќе време да ги запознаам фудбалерите и да се навикнам на нив, а и тие на мене“, вели косовскиот стручњак.

Пред да дојде во Битола Шенсои работеше во Албанија, Србија, Азербејџан, Турција, Бугарија, сега првпат ќе води екипа од Македонија, каде се сеќава дека игра за Лирија против Пелистер во Втората сојузна лига.