Љамчевски: Можеме и мораме уште подобро

По одличните две недели во Бугарија и ремито во средата во Кичево, пелистерци денес под „Тумбе кафе“ ја совладаа новата екипа во Втората лига, Академија Пандев со 2-0. Тренерот Наум Љамчевски верува дека битолчани можат и мораат уште подобро со оглед на тоа што следат уште 7-8 дена до почетокот на шампионатот.

„Задоволен сум од резултатот, а што се однесува до играта имаме уште простор за напредок. Уште седум дена имаме до почетокот на новата сезона и верувам дека ќе работиме како и до сега и ќе го дочекаме дебито со Победа како што очекуваме. Мислам дека љубителите на фудбалот видоа еден убав натпревар во кој новиот Пелистер покажа доста трчање по жешкото време, а честитки и за гостите од Струмица, кои се искусна и квалитетна екипа“, заклучи Наум Љамчевски.

Тренерот на битолчани шанса им даде на сите фудбалери кои беа на клупата за резерви, па дури и оние кои влегоа во вториот дел сериозно се наметнаа. Единствено не настапи Боби Божиновски заради повреда.