Љамчевски: Резултатот покажува дека бевме подобри и помудри

По завршувањето на пелагониското дерби двајцата тренери ги истакнаа своите мислења за 90-те минути под „Тумбе кафе“.

Дарко Крстески
(тренер на Победа)

Пелистер имаше поголема желба за победа на овој натпревар и мислам дека тоа беше одлучувачко. Клучен момент беше повредата на Димитриоски која ни поремети дел од плановите во одбраната. Свесно во некои моменти ја препуштавме иницијативата на противникот, но тие знаеа како да ги казнат нашите дефанзивни грешки. Честитки за противникот, а ние веруваме дека можеме да ја поправиме оваа лоша партија на некој од наредните мечеви.

Наум Љамчевски
(тренер на Пелистер)

Ја заслуживме победата баш колку што резултатот што покажува. Бевме стрпливи, знаевме дека ќе се отвори шанса за нашите напади и така и беше. Сакам да им се заблагодарам на моите фудбалери и на оваа публика која заслужува прволигашки фудбал. Ние сме на самиот почеток од нашот проект и знаеме што сакаме. Само со борба за секоја топка можеме да ги исполниме зацртаните цели.

Минута молчење за починатиот комесар за безбедност на Пелистер

Мечот Победа – Пелистер започна со едноминутно молчење заради прераната смрт на комесарот за безбедност на Пелистер, Сашо Петковски кој во петокот ненајдено почина. Исто така беше оддадена последна почит кон жртвите од поплавите во главниот град.

Одлична организација, све навивачки групи и ниту еден инцидент

Мечот на пелагониските ривали навистина беше празник на фудбалот. Фудбалерите, навивачите, официјалните лица беа беспрекорни во однесувањето и со тоа покажаа дека и мечеви од овој тип можат да минат без ниту еден инцидент. Двете навивачки групи коректно ги бодреа своите љубимци, а немаше ниту еден навредлив збор.

Ракометарите со подршка за фудбалерите на Пелистер

Ракометарите на Пелистер на чело со новиот тренер Касим Каменица комплетно пристигнаа на стадионот под „Тумбе кафе“ да ја бодрат фудбалската екипа на Пелистер. Се исплатеше нервозата и навивањето, по кои по последниот судиски свиреж, фудбалерите им отпоздравија на ракометарите за поддршката.