По победата од 0-2 на „Благој Истатов“ во октомври и минималната победа од 1-0 во Битола во декември во последното коло минатата година, Пелистер и Беласица ќе се соочат за бодови по третпат оваа сезона, вторпат во Битола.
Тренерот Димитар Капинковски најавува промени во тимот и атрактивен фудбал
„Кога дојдов во Пелистер бевме претпоследни и само со дванаесет бода. Во овој период освоивме 30 бода, па во вториот дел на сезоната сме второ-трето место. Имаме голем напредок во бодовно салдо и обезбедивме опстанок без бараж на две кола до крајот, што ни беше единствена цел.
Растеретени ќе го играме дуелот со Беласица. Да одиграме допадливо, како и досега, со доста голови и позитивна атмосфера“, вели Капинковски.
Пелистер има седум победи од исто толку домашни натпревари оваа пролет и се надева дека со триумф над струмичани ќе го завршат со стил овој шампионат.