Ренова, Борец, Вардар, Силекс и пак Ренова паднаа пролетва во Битола и со овие пет победи и успехот во Струга, екипата на Димитар Капинковски го трасираше патот кон опстанокот во лигата. Тренерот на Пелистер ги префрли заслугите за победата над „гипсарите“ кај фудбалерите, но јасно е дека неговото доаѓање донесе пресврт во тимот.
Капинковски по победата над Ренова изјави:
„Секој натпревар има своја тежина. Тој пред два месеци против Ренова беше сосема поинаков од овој. Многу психички и физички тежок натпревар за играње. Бодовите беа важни и за нас и за нив, а ние се обидовме да извлечеме максимум од екипата и без неколку стандардни поединци. Фудбалерите дадоа 200% од своите можности, дадоа максимум и беа наградени со тој гол.
Ренова беше подоминантна, имаше шанси, неискористен пенал, но нашата желба, нашата пожртвуваност и мотивација за победа дојде до израз и не награди со три бода и важна победа“.
За натпреварот против Македонија Ѓорче Петров во среда во Скопје во тимот се враќа Христијан Николовски, кој не настапи против Ренова заради акумулација на жолти картони.