Силниот ритам на натпревари во Првата фудбалска лига продолжува и по Куп-натпреварите во средата, викендов се враќа на сцена шампионатот и 26. коло. Пелистер гостува кај Работнички и верува во продолжување на позитивната серија оваа пролет. „Зелените“ загубија само еден натпревар, против Шкендија, и зачекорија кон средината на табелата.
Тренерот Димитар Капинковски со комплетен тим ќе се обиде да освои бод(ови) и во Скопје.
„Ни годи победата во „вечното дерби“ против Вардар и после таков триумф, атмосферата е позитивна. Но, ние со секој ривал, без разлика дали се викал Вардар или Работнички, мора да се надигруваме и да играме на победа, за да ги оствариме нашите амбиции – опстанок во лигата, по можност да го избегнеме и баражот.
Работнички е многу квалитетна екипа, клуб со долга традиција и очекувам тврд и неизвесен натпревар. Одиме на надигрување, да се обидеме да постигнеме гол повеќе за позитивен резултат“, заклучи Капинковски.
Струмичанецот Гоцевски ќе го води натпреварот, кој ќе се игра во сабота од 13:00 часот.