Најтрадиционалниот натпревар во македонскиот клубски фудбал на сцена ќе биде овој викенд. Пелистер е домаќин против Вардар, а оваа соочување е трето сезонава на големите ривали. Откако првите два натпревари заврши со голови и емоции, таква партија очекуваме и в недела. Првиот дуел во ноември 2020 година заврши 1-1 во Битола, а во февруари годинава во Скопје беше 2-2.
Тренерот на битолчани, Димитар Капинковски верува во екипата и смета дека максимален ангажман може да донесе триумф.
„Ова е дерби кое секогаш е интересно. Кажав и пред натпреварот во Скопје, нема изразити фаворити, без разлика на форма, бодови и ситуација во клубови. Видовме дека претходниот натпревар заврши 2-2, со доста голови и фудбал. Се надевам на таков натпревар и во Битола. Секој си има свои математики, а ние како и на секој дуел играме до максимум и да ги освоиме бодовите.
Вардар има промени во играчкиот кадар и стручниот штаб. Сигурно дека имаат свои математики, екипата има потенцијал и квалитет. Но, работите зависат и од нас. Ако одиграме како што знаеме, верувам дека ќе ги освоиме потребните бодови“, смета тренерот на Пелистер.
Во пресрет на овој натпревар Пелистер има два бода повеќе од Вардар и се наоѓа во подобра форма. Пролетва пелистерци имаат само еден пораз, а Вардар покрај Беласица е единствената екипа која уште не се радувала на победа. Натпреварот почнува в недела од 15:00 часот. а ќе се игра без присуство на гледачи, заради пандемијата од ковид-19.