За да го задржи максималниот ефект на домашен терен оваа пролет, битолски Пелистер мора да одигра подобро отколку против Борец, Ренова и Вардар и утре попладне да го совлада Силекс. Капинковски најави промени во тимот во споредба со стартниот состав против Работнички, а добра вест е што сите фудбалери се здрави.
Валентин Кочоски очекува вистинско издание и почеток на нова позитивна серија.
„Натпреварот со Работнички мина лошо по нас. После серијата победи и добри резултати очекувано беше ваков пад, кој дојде во вистинско време за да можеме да се соземеме. Дуелот со Силекс е многу поважен за нас и ако успееме да победиме, мислам дека брзо ќе се заборави лошиот настап со Работнички.
Натпреварите против конкурентите за опстанок се како финалиња за нас. Сè освен пораз на ваквите натпревари ќе биде успех за нас, а доколку запишеме и победи ќе биде екстра за нас“, вели членот на Пелистер.
Натпреварот Пелистер – Силекс се игра во среда од 13:00 часот, а ќе го суди Александар Ставрев од Скопје.