Еден од најдобрите фудбалери на Пелистер оваа сезона, напаѓачот Борче Маневски смета дека и Пелистер и Академија Пандев оваа пролет играат во одлична форма и дека нијанси ќе го решат победникот на овој натпревар закажан за утре попладне.
Според Маневски двете екипи имаат своите добри страни, кои ривалот добро ги познава.
„Имаме респект кон Академија Пандев, но и тие треба да нè респектираат, бидејќи оваа пролет направивме одлични резултати. Ќе биде тежок натпревар, но се надевам дека ќе стигнеме до поволен резултат, кој ќе ни обезбеди опстанок во Првата лига.
Во однос на натпреварите од првиот дел од сезоната, сега двете екипи имаат доста промени во своите ростери. Нашата форма е во нагорна линија, а токму тоа се случи и со доаѓањето на Васоски на клупата на Академија Пандев. Затоа мислам дека нијанси ќе решаваат околку победникот на овој меч“, рече искусниот на напаѓач.
Три бода ги делат пелистерци и „пандевци“ пред меѓусебниот дуел, па можеби затоа битолчани имаат и мала предност и нерешен резултат како сојузник.