Иако немаа доволно време за подготовка, фудбалерите на Пелистер со ентузијазам го чекаат гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров. Во тимот се враќа Христијан Николовски, но заради повреда ќе ги нема Спиркоски и Танушев.
Токму Николовски, кој своевремено настапуваше за „лавовите“ со оптимизам го најави натпреварот утре попладне.
„Со трите бода освоени против Ренова успеавме да се дигнеме на посакуваното ниво, па сега во Скопје одиме растеретени. Мислам дека имаме подобра екипа од Македонија ЃП, Пелистер по квалитет заслужува место меѓу најдобрите три екипи во ПМФЛ и затоа верувам во трите бода во Ѓорче Петров. Знаеме дека противникот има одлична и искусна екипа, но верувам дека овој пат среќата ќе ни се насмевне и ќе ја извојуваме посакуваната победа“, смета фудбалерот за врска.
Струмичкиот судија Гоцевски е делегиран да ја дели правдата на претпоследното гостување на Пелистер оваа натпреварувачка сезона.